Во рок од 30 дена: Новоизбраните градоначалници и советници имаат обврска за поднесување на изјава за имотна состојба

од Берта Китинска
212 прегледи

Државната комисија за спречување на корупција ги потсетува сите новоизбрани советници, градоначалници и функционери за одредбите од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, како и дека при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, партиски и етнички интереси.

Непочитувањето на сите обврски и забрани од Законот за спречување на корупција и судир на интереси претставуваат прекршок и за истите се изрекува одредена прекршочна санкција, односно јавна опомена.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на денешната 54-та седница, укажа на начелото на интегритет и обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а во случај на постоење на сомневање на судир на интереси се должни да побараат мислење од ДКСК.

– Избраните градоначалници и членови на Совет на општина, односно на Град Скопје, имаат обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот. Градоначалниците или членовите на совет на кои функцијата им престанала, исто така, имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба или судир на интереси најдоцна во рок од 30 дена, од денот на престанување на функцијата. Градоначалниците или членовите на совет се должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно имотот на членовите на нивното семејство во вредност што надминува 20 просечни плати во претходниот тримесечен период, изјави Ивановска.

Градоначалник или член на Совет на општина, нагласи Ивановска, не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други правни лица со доминантен државен капитал, освен ако со закон не е поинаку утврдено.

ДКСК, на продолжението на денешната 54-та седница, разгледа и одлучи по повеќе предмети, меѓу кои и за договорот за снимање со дрон на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести од страна на Град Скопје, а каде е ангажирана фирмата на партнерот на министерката за образовани и наука.

Слични содржини