Во последните 24 часа, во Русија е забележан најголем број новозаразени со коронавирус за еден ден – 29.039. Претходниот најголем број беше забележан вчера – 28.782, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Од почетокот на епидемијата во Русија, 2.469.770 лица биле позитивно тестирани за коронавирус. Во моментов се лекуваат 479.891 лице.
Во изминатите 24 часа во Москва се регистрирани 7.512 заразени лица.
Русија викендов ја започна својата програма за вакцинирање против Ковид-19 на клиниките во главниот град Москва со вакцинирање на лица со најголем ризик.
Се користи руската вакцина Спутник V, која е регистрирана во август.
Производителите на вакцината изјавуваат дека е 95% ефикасна и дека нема поголеми несакани ефекти, но вакцината е сè уште во фаза на масовно тестирање, пренесува Би-Би-Си.
Илјадници луѓе веќе се пријавиле да ја примат првата од двете дози на вакцината викендов, но се уште не е познато колку вакцини може да произведе земјата.