Во САД нововедени наредби за носење маски поради зачестени случаи на Ковид-19

од Radmila Tasevska

Во САД, со почетокот на школската година започна и сезоната на грип и други респираторни вируси, но и зачестени случаи на варјантата на коронавирус BA.2.86.

И додека бројот на тешките Ковид заболувања е мал, во земјата се регистрира бран на коронавирусни инфекции од оваа варијанта. Вирусот започна да се шири при крајот на август, што коинцидира со крајот на летниот распуст.

Поради ова, во повеќе училишта во САД се воведе здолжително носење маски. Иако наредбата е привремена, тоа предизвика дискусии и контраверзи кај родителите и конзервативно настроените гласачи.

Така на пример, режим на маски за следните неколку денови е воведен од директор на основно училиште во Мериленд, каде неколку ученици имале позитивен тест за коронавирус.

Дел од американските медиуми одлуката ја окарактеризраа како „контраверзна“. Слична наредба имало и во уште едно училиште во Алабама – од крајот на август маски мора да носат сите, учениците, вработените и посетителите. Гувернерот на Њујорк пак најави план за дистрибуција на N95 иKN95 маски оваа есен, иако државата не бара нивно обврзно носење.

Ова предизвика реакција кај републиканците. Група републикански сенатори објавија нацрт закон за забрана на федерални мандати за носење маски за време на авионски патувања, во јавниот превоз и во државните училишта, до крајот на 2024 година.

-Ако сакаш по твоја волја да носиш маска, одлично, но остави ги нашите деца на мира, изјави сенаторот Тед Круз во одговор на одлуката на училиштето во Силвер Спрингс, Мерлинед. За ова, родителите започнаа кавги и на социјалните мрежи со по некоја закана, па школото мораше да воведе поостри мерки за безбедност.

Поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, која е кандидат за претседател од републиканците, во интервју за Фокс њуз неделава изјави дека наредбите за носење маски се напад на правата на родителите. Поранешниот претседател, Доналд Трамп, претходно порача дека ако биде реизбран, „ќе го употребам целиот мој авторитет да се запре федералното финансирање за секое школо“ кое ќе воведе правила за маски.

На 12 септември состанок има клучен федерален панел од специјалисти за да дискутира за засилувачка коронавирус вакцина што ќе цели на XBB варијантите. Се очекува таа биде пуштена во промет до крајот на овој месец.

Слични содржини