Саудиска Арабија прави сè што може за да ја задржи португалската суперѕвезда Кристијано Роналдо во локалниот фудбал, објави АФП.
Петкратниот освојувач на „Златната топка“ игра во земјата две и пол години со Ал Наср (Ријад), но неговиот договор истекува на 30 јуни, а самиот Роналдо неодамна навести дека има намера да замине.
„Во моментов се водат тешки преговори за да се убеди Роналдо да остане во Саудиската професионална лига следната сезона. Присуството на Роналдо во Саудиска Арабија е клучен фактор во развојот на локалниот фудбал. Тој, исто така, ги отвори вратите за привлекување врвни играчи, не само поискусни, туку и млади таленти“, објавува АФП, повикувајќи се на извор од Јавниот инвестициски фонд (PIF), кој издвојува сериозни средства за привлекување познати фудбалери.
Според извештаите, 40-годишниот Роналдо би можел да се приклучи на тимот на вицешампионот Ал Хилал на почетокот на следниот месец, кој, како и Ал Наср, е од Ријад, но за разлика од својот ривал, ќе учествува на Светското клупско првенство што започнува на 15 јуни во САД, во групата „Х“ во која ривали на тимот ќе бидат шпанскиот гигант Реал Мадрид, австрискиот Салцбург и мексиканската Пачука.
Во тимот на Ал Хилал се наоѓаат уште двајца португалски репрезентативци – Жоао Кансело и Рубен Невеш, како и Србите Александар Митровиќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Бразилците Ренан Лоди и Малком, мароканскиот репрезентативен голман Јасин Буну и поранешниот дефанзивец на Наполи и Челси, Калиду Кулибали.