Шпанија стана првата земја во Западна Европа што потврди 500.000 случаи на заразени со коронавирус, откако беа потврдени уште 2.440 случаи во последните 24 часа во оваа земја.
Министерството за здравство објави дека вкупниот број на заразени лица во оваа земја во моментов е 525.549, пренесува Ројтерс.
Шпанија ретроактивно ги ажурира статистиките за епидемиолошката состојба, така што се можни промени во најновите податоци.
Неодамнешните случаи на заразени се пријавени кај поголем број помладите луѓе, кои често не покажуваат симптоми на болеста.
И покрај повторното зголемување на бројот на заразени лица, болниците во Шпанија сега имаат доволен капацитет за лекување на пациенти со Ковид-19.
По првиот бран на пандемијата, кога беа заразени претежно постари лица на кои им требаше болничко лекување, шпанските власти со строги карантински мерки успеаја да ја стават под контрола ситуацијата во земјата.
Сепак, по ублажувањето на мерките и со масовно тестирање на населението, на крајот на јуни, бројот на новозаболени лица во Шпанија повторно се зголеми, од неколку стотици на над рекордни 10.000, што беше забележано пред десет дена.
Стапката на смртност е сè уште значително пониска отколку во март и април, кога го достигна својот врв и кога бројот на смртни случаи надминуваше 800 секој ден.
Рафаел Бенгоа од Шпанскиот институт за здравство и стратегија рече дека здравствениот систем не се очекува да биде преоптоварен поради третманот на пациенти со Ковид-19, како и воведувањето мерки за карантин на национално ниво, додека локално затворање на градските области може да биде многу покорисно за сузбивање на ширење на вирусот.
Училиштата повторно се отворени во шест региони на Шпанија денес, додека часовите ќе започнат во следните десет дена во другите.