Јордан Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски осомничени во случајот на СЈО „Империја“, добија 30-дневен притвор. Тие вчера беа на распит пред судија на претходна постапка
Решенијата за одредените притвори од страна на судија на претходна постапка ги подигнале ноќеска обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефановска.
Во новата истрага „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство вкупно се осомничени 13 лица – Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие се осомничени за сторени кривични дела – Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Во текот на предистражната постапка, со преземање различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од СЈО од кои произлезе основано сомнение дека од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.