Од саботата поради зголемено загадување на воздухот, стапија во сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од вчера и во Гостивар. Одлуката за стапување во сила на мерките и препораките ја донесе Владата по информации добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање, откако на мерните места во овие градови во текот на два последователни дена беше надмината вредоста на ПМ10 честичките од 150 микрограми на метар кубен.
Согласно оваа Одлука, Владата ги информира надлежните институции и соодветните локални самоуправи дека е потребно да постапат согласно заклучоците од 40-та владина седница одржана на 28 ноември 2017 година, според кои, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.