Во Скопје викендов 43 сообраќајки, две лица потешко повредени, 29 полесно

од Vladimir Zorba
75 прегледи

  Две лица биле потешко повредени во една од вкупно 43 сообраќајки регистрирани во текот на изминатиот викенд на подрачјето на СВР Скопје. Во 22 незгоди биле полесно повредени 29 лица, а во 20 била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Деведесет и седум возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, седум возачи поминале на крстосница на црвено светло, седум возачи не дале првенство на минување и 10 лица за неправилно престројување. Од сообраќај биле исклучени 16 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 20 возачи го управувале возилото пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, како и 23 нерегистрирани возила. Санкционирани биле и двајца пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин. Затекнати биле 195 непрописно паркирани возила.

Со помош на  специјалното возило пајак, отстранети биле 143 возила.

Денеска Одделението за превенција при СВР Скопје во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе реализира едукативни работилници со ученици од второ одделение во ООУ „Гоце Делчев“ кое се наоѓа на подрачјето на општина Илинден.