Во сообраќајната несреќа што попладнево се случи на регионалниот пат Велес – село Извор се повредени вкупно 16 лица, информира портпаролката на велешката болница, Елена Левкова-Ќулумова. Двајца од нив се пренесени на понатамошно лекување во Скопје, но се вон животна опасност.
„На лекување во Скопје се препратени 57-годишен возач на комбе со повреда на главата и 55-годишен патник со повреда на лакт“, информира портпаролката на велешката болница.
Останатите четиринаесетмина повредени кои се донесени во болницата во Велес се со полесни повреди.
Првично беше објавено дека во сообраќајната несреќа се повредени осум лица кои од сударот помеѓу патничкото и товарното комбе се здобиле со повреди на главата, но дека не се во животозагрозувачка состојба.
Да потсетиме, денеска во 14.50 часот било пријавено дека на регионалниот пат Велес-с.Извор, во близина на крстосница за село Војница, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале товарно возило „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Н.(57) од Скопје и комбе „фолксваген“ со велешки регистарски таблици, управувано од О.Ј.(65) од село Побожје-Општина Чучер Сандево.