Во состав на Министерството за финансии, ќе се основа Академија за јавни финансии

од Nikola Popovski
329 прегледи

На денешниот настан по повод промоцијата на твининг проектот „Зајакнување на функциите на буџетското планирање, извршување и внатрешна контрола“ финансиран од Европската Унија, а со поддршка од министерствата за финансии на Кралството Холандија, Бугарија, Хрватска и Латвија, било најавено дека во состав на Министерството за финансии ќе се основа Академија за јавни финансии. Според министерот Фатмир Бесими, проектот има за цел да го зајакне управувањето со јавните финансии и е насочен кон зголемување на буџетската транспарентност, зајакнување на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на системот на јавни набавки и подобрување на системот на заштита на финансиските интереси на ЕУ.

„Овојпат, во процесот на спроведување на реформите во управувањето со јавните финансии, следејќи ги најдобрите европски практики,  ќе се придвижиме кон едно повисоко скалило, преку основање Академија за јавни финансии во рамките на Министерството за финансии. Преку Академијата ќе се обезбеди континуирана едукација на државните службеници од областа на управувањето со јавните финансии, со цел создавање модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти“, истакна Бесими.

Европската Унија  со 35 милиони евра ги поддржува реформите во секторот јавни финансии во земјава со цел да се создаде ефикасен и транспарентен систем кој ќе овозможи поодговорно управување со јавните средства и намалување на ризиците за измама и корупција.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, ефикасниот и транспарентен систем за јавни финансии е предуслов за економскиот раст на секоја држава.

Слични содржини