Сметките на 46.847 компании и претприемачи во Србија се блокирани, а на нив се „заробени“ 219,9 милијарди динари или 1,87 милијарди евра без камата, објави „Форбс Србија“.
Првите 20 фирми од таа листа се во сопственост на познати имиња од српскиот бизнис, но и лица кои се уапсени или обвинети за злоупотреба на положбата, незаконско стекнување финансиски бенефиции, разни измами, перење пари и други дела.
Од вкупниот број фирми и претприемачи, повеќе од три години се блокирани 14.791 должник.
„Форбс Србија“, исто така, побара од Народна банка на Србија податоци за бројот на компании, чии сметки биле блокирани на крајот на 2020 година.
– Интересно е што пред три години вкупниот број на тие компании беше само малку помал, бидејќи ги имаше 40.273, додека вкупната сума е речиси идентична со денешната – 220,86 милијарди динари. Меѓу нив имаше многу помалку претприемачи отколку сега. Така, на крајот на 2020 година биле блокирани сметките на 13.938 претприемачи, додека сега се 19.683“, наведува порталот.
Ивана Матиќ, поранешна директорка на Агенцијата за лиценцирање стечајни администратори (АЛСУ), оцени дека податоците за толку многу фирми кои сè уште се блокирани се поразителни.
– Даночната управа на Србија има побарувања од секоја фирма што е блокирана. Прашање за нив е зошто не реагирале и што се случува со побарувањата кон тие фирми. Ова е невнимание на даночната управа, а да не зборуваме за штетата на српскиот буџет, посочи Матиќ.