Во Србија расте проруското расположение, поддршката за членство во ЕУ паѓа

од Vladimir Zorba
638 прегледи

Во повеќето земји од Западен Балкан се уште постои силна прозападна ориентација, додека во Србија е забележан спротивен тренд – расте проруското расположение, а поддршката за членство во Европската унија паѓа, изјави Пол Мекарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт, во интервју за Гласот на Америка

Тој даде интервју по повод новото истражување во регионот што го спроведе Ипсос за американската невладина организација.

Според истражувањето, во Србија, врз основа на примерок од 1.238 полнолетни граѓани, поддршката за Европската унија паднала на 40 отсто, додека Русија се смета за најголем партнер, а САД за закана.

Во Црна Гора, каде примерокот беше 1.036 возрасни лица, поддршката за членство во Европската унија расте, но поддршката за НАТО опаѓа. Најголем број од испитаниците во Црна Гора ја гледаат Америка како најголема закана, а Србија како најголем партнер.

Според истражувањето, најголема поддршка за Америка и западните институции има во Косово и Албанија.

И покрај мнозинското прозападно расположение во регионот, Мекарти смета дека Западот почнува да ја губи битката кога станува збор за напорите да се осигура дека Западен Балкан нема да ја изгуби вербата во процесот на евроатлантска интеграција.

Според него, Србија покажува сосема поинаков тренд од другите земји во регионот, која е „помалку ентузијастичка за влез во ЕУ и за западна ориентација“.

Споредено со претходното истражување од 2022 година, во Србија „има уште помала поддршка за прозападна ориентација и за влез во ЕУ“, рече Мекарти и оцени дека тоа е „загрижувачки тренд“.

Тој додаде дека е „изненаден, можеби и не изненаден“ од тоа колку испитаници ги обвинија САД за руската агресија.

„Тоа може да се види во податоците за Србија, но има и многу луѓе, многу испитаници во БиХ, а особено во Северна Македонија, кои го обвинуваат Западот за агресија. Така што ме изненади. И, исто така, силата на поддршката за Русија во Србија, иако не е изненадувачки, длабочината и големите бројки кога е во прашање таа поддршка и погледот на САД“, рече Мекарти.

Ова, како што вели, претставува вистински предизвик долгорочно за интеграција на регионот, не само на Србија, во евроатлантските институции, пренесува агенцијата Бета.

Истражувањето на јавното мислење спроведено за Меѓународниот републикански институт, кое беше објавено претходно, покажува дека значително мнозинство граѓани на референдум би гласале за влез на БиХ во ЕУ, но тој процент е намален во однос на претходните две години, а денес повеќе граѓани би гласале против влезот во Унијата.

Најпрозападни ставови покажаа граѓаните на Албанија и Косово, значително помалку Северна Македонија и Црна Гора, а најмалку граѓаните на Србија.

БиХ е на средината на табелата со 39 отсто граѓани кои сметаат дека треба да се води само прозападна и про-ЕУ политика.

По 12 проценти сметаат дека земјата треба да имам прозападна политика, но да ги одржува односите со Русија, односно да ги третираат Западот и Русија подеднакво. На ова прашање не одговориле речиси 20 отсто од граѓаните.

Слични содржини