Во Србија уапсен поранешен шеф на украинската тајна служба

од Vladimir Zorba
319 прегледи

Во средата во Србија беше уапсен еден од поранешните функционери на украинската разузнавачка служба СБУ, Андриј Наумов, кој беше сменет на 31 март од претседателот на Украина Вoлoдимир Зеленски под обвинение за велепредавство, а кој ја напушти земјата ден пред инвазијата.

Според досегашните информации, Наумов е уапсен на југот на Србија заедно со германски државјанин, наводно негов возач, под сомнение дека перел пари, пишува Украинска правда.

Наумов и неговиот придружник се соочуваат со затворска казна од една до 12 години, но украинските медиуми пишуваат дека се стравува дека, поради фактот што Наумов има бројни украински државни тајни, би можел да се обиде да ги тргува во замена за својата слобода.

Поранешниот функционер се приклучи на СБУ во 2019 година, а во јули 2021 година беше назначен за шеф на одделот за внатрешна безбедност. Според локалните медиуми, тој ја напуштил Украина само неколку часа пред почетокот на руската инвазија, а своето семејство го испратил порано во странство. Зеленски официјално го отпушти на 31 март, тврдејќи дека извршил велепредавство, нарекувајќи го „антихерој“ кој ја прекршил воената заклетва.

„Оние високи воени офицери кои не разбираат каде е нивната татковина, кои ја прекршија заклетвата што ја дадоа пред украинскиот народ да ја заштитат нашата држава, ќе останат без своите чинови“, рече тогаш Зеленски.

Украинските служби го пребарале неговиот трисобен стан во елитен комплекс во центарот на Киев, кој, како што се испоставило во 2020 година, семејството го купило по цена четири пати поевтина од пазарната.

Наумов имал чин генерал.

Се огласи и српската полиција

За нивното апсење соопшти и Министерството за внатрешни работи на Србија.

Припадници на МВР, Одделот за антикорупција, одделение Ниш, во соработка со Управата за гранична полиција и Царинската управа, а по наредба на Специјалното одделение за антикорупција на Вишото јавно обвинителство Ниш, уапсија Германски државјанин А.А.(1986) и Украинецот А.Н.(1982) поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело перење пари.

Полицијата на граничниот премин Прешево при претрес на автомобил БМВ управуван од А.А., додека со него бил А.Н., пронашла непријавени пари – 607.990 евра, 124.924 долари, како и два смарагди.

Тие се обвинети дека имале намера преку граничниот премин да префрлат пари и скапоцени камења за кои постои сомневање дека потекнуваат од криминални активности и да ги изнесат надвор од Република Србија.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа, а со кривична пријава ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство“, стои во соопштението на српската полиција.