Во Србија запленета марихуана вредна 10 милиони евра

Српската криминалистичка полиција денеска во околината на Крушевац заплени околу пет тони марихуана, што претставува рекордна заплена на оваа дрога во Србија.

од desk4
8 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ Сител

Вредноста на дрогата на нелегалниот пазар се проценува на меѓу седум и 10 милиони евра, соопшти министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Дачиќ како „значаен резултат“ од акцијата го истакна фактот дека овие пет тони дрога се „тргнати од улица“, оценувајќи дека, покрај европскиот пазар, запленетата марихуана „делумно, најверојатно, била наменета и за домашниот пазар“.

Запленето оружје, уапсени две лица

Во рамки на акцијата биле запленети и четири автоматски пушки и еден рачен ракетен фрлач – „зоља“. Уапсени се Н. С. (39) и Р. С. (67), додека по уште едно лице се трага поради истото кривично дело неовластено производство и продажба на дрога, како и недозволено поседување и држење оружје и експлозивни материи.

Како споредба за големината на заплената, Дачиќ наведе дека во текот на целата 2001 година биле запленети нешто повеќе од една тона наркотици, а минатата година, која според статистиката била добра, вкупно шест тони.

„Полицијата ќе ја продолжи истрагата за тоа од каде потекнува дрогата, најверојатно од јужните соседи, но тоа е прашање за понатамошни истраги и меѓународна полициска соработка“, изјави Дачиќ.

На осомничените им е одреден полициски притвор и, заедно со кривичните пријави, ќе бидат изведени пред обвинител.

Слични содржини