Инцидентите се случуваат во непосредна близина на седиштето на компанијата и станаа симбол на растечкото влијание на организираниот наркокриминал и општата несигурност во градот, во пресрет на локалните избори.
Според неодамнешни анкети, безбедноста е меѓу главните грижи на гласачите, што ги принуди кандидатите од целиот политички спектар да понудат решенија за сузбивање на трговијата со дрога, пишува Politico.
Политичките партии во Франција внимателно ја следат изборната трка во Марсеј, гледајќи ја како најава за пошироките политички судири што се очекуваат на претседателските избори во 2027 година. Градот често се опишува како микро-космос на француското општество, со длабоки социјални и политички поделби.
Марсеј е изразито мултикултурен град: сиромашни квартови со силна поддршка за левицата се граничат со конзервативни предградија кои во последните години сè повеќе се свртуваат кон крајната десница. Како и на национално ниво, поддршката за политичкиот центар е слаба.
„Главното прашање е безбедноста. Луѓето ми велат дека поради тоа повеќе не се осмелуваат да одат во центарот на градот“, изјави за Politico кандидатката од десниот центар Мартин Васал.
Актуелниот градоначалник Беноа Пајан, претставник на левицата, сè уште е благ фаворит на изборите во март, но зад него тесно следи Франк Алисио, кандидат на крајнодесничарското Национално собрание. Двајцата во анкетите имаат околу 30 отсто поддршка.
Насилството поврзано со дрогата повторно дојде во фокусот на јавноста во ноември, по убиството на 20-годишниот Мехди Кесаци. Властите го истражуваат случајот како чин на заплашување, бидејќи неговиот брат Амин Кесаци е познат активист против трговијата со дрога во градот.
По убиството, Марсеј го посетија францускиот претседател Емануел Макрон, министерот за внатрешни работи Лоран Нунез и министерот за правда Жералд Дарманен, презентирајќи засилен план за борба против криминалот.
Сепак, локалното население предупредува дека репресивните мерки не се доволни. Без инвестиции во јавни услуги, образование и вработување, младите и понатаму ќе бидат туркани кон криминалот.
„Самата репресија не функционира. Да функционираше, трговијата со дрога немаше да цвета“, изјави активистката Каутер Бен Мохамед.
Иако водечките кандидати главно се согласуваат дека криминалот е поврзан со сиромаштијата и запоставените јавни служби, нивните решенија значително се разликуваат. Левицата се залага за инвестиции во социјални програми, додека десницата инсистира на засилени безбедносни мерки – повеќе полиција, видеонадзор и специјализирани единици.
Исклучок е кандидатот на крајната левица Себастијан Делогу, близок до Жан-Лик Меланшон, кој се противи на зголемени полициски буџети и предлага средствата да се насочат кон борба против сиромаштијата, домување и јавно здравство.
Кој и да победи на изборите, ќе се соочи со непријатната реалност дека клучните прашања за полицијата и кривичното правосудство се решаваат на национално ниво. Судбината на Марсеј, според аналитичарите, во голема мера ќе зависи од политичките битки што допрва ќе се водат во Париз.