Во Сребреница денеска се одбележуваат 30 години од геноцидот

од desk2
22 прегледи

Во Меморијален центар Сребреница во Поточари, БиХ, денеска ќе се одбележат 30 години од геноцидот над Бошњаците што српските сили во Босна и Херцеговина го извршија во јули 1995 година.

Во Поточари денеска ќе бидат погребани останките на уште седум жртви на масовниот колеж. Најмладите жртви имале 19 години кога биле убиени.

Лидери на голем број земји најавија дека ќе присуствуваат на комеморацијата во Меморијалниот центар. Според босанските медиуми, можно е денеска на настанот да присуствуваат до 150 000 луѓе.

Генералното собрание на ОН во мај лани усвои резолуциај со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, со која исто така се осудуваат негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници.

По влезот во Сребреница, тогаш заштитена зона на ОН, силите на босанските Срби предводени од командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во јули 1995 година убија повеќе од 8 000 луѓе, најголемиот дел мажи и деца.

Според податоците на Меморијалниот центар Сребреница, во и околу Сребреница се убиени најмалку 8 372 лица, меѓу кои имало и жени и девојчиња и постари лица. За овој геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница, досега се осудени 54 лица, на вкупно 781 години затвор. На доживотен затвор се осудени поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, потоа Ратко Младиќ и уште тројца високи офицери на Војската на Република Српска.

Слични содржини