Бројката на убиени во секташките судири меѓу сунитските Бедуини и Друзите на југот на Сирија, што почнаа во текот на викендот, досега изнесува најмалку 200, јавија светските новински агенции.
Во таа бројка сосема сигурно учествува и трагичниот биланс на убиените од страна на припадниците на сириската војска, која вчера упадна во градот Сувајда наводно да интервенира, но според многу сведоштва, вршела злосторства и убивала Друзи.
Интервенираше и израелската армија во заштита на Друзите, биејќи по сириските сили во Сувајда и во истоимената провинција на југот на Сирија. Потоа сирискиот министер за одбрана објави прекин на огнот.
Според Сириската опсерваторија за човекови права, убиени се повеќе од 90 Друзи, вклучително и 21 цивили што биле егзекутирани од припадници на сириската војска. Загинале и над 90 претставници на владините сили и 18 Бедуини.
Во борбите се вклучија и исламистички единици, кои се сојузници на владата во Дамаск, што наведе еден од водачите на Друзите да упати драматичен повик за меѓународна заштита.
Израел, кој одамна се обврза да ги штити Друзите во Сирија, веднаш одговори со напади врз сириските сили што напредуваа кон Сувајда, порачувајќи дека ќе продолжи да напаѓа штитејќи ги Друзите. Како што соопштија од израелската војска, гаѓани се „воени возила што припаѓаат на силите на сирискиот режим на подрачјето на Сувајда“. За сириското МНР тоа е „очигледно кршење на суверенитетот на Сириската Арапска Република“.
Кои се Друзите?
Друзите се арапска етно-религиозна група што има околу милиони припадници, главно населени во Сирија, Либан и Израел. Станува збор за етнитет чија специфична вера е произлезен од Исламот – во 11. век во Египет. Нивната религиозна догма е од затворен тип – не се дозволува конвертирање, односно преобраќање во друга вера, ниту пак бракови со припадници на други вери.
Во јужна Сирија, тие се мнозинство во провинцијата Сувајда. Во текот на десетгодишната граѓанска војна, Друзите честопати беа на удар на војската на поранешниот режим на Асад и на разни екстремистички групи.
Нивната заедница во Сирија главно е концентрирана во три провинции на југот, во близина на Голанската Висорамнина, којашто Израел ја држи под окупација. Во ова стратешко плато, кое Израел го откина од Сирија во Шестдневната војна во 1967 година, а потоа го анектираше во 1981 година, живеат повеќе од 20.000 Друзи. Тие територијата ја споделуваат со околу 25.000 еврејски доселеници распоредени во повеќе од 30 населби.
Најголемиот дел од голанските Друзи и ден-денес се сметаат за Сиријци. Ним им било понудено израелско државјанство по окупацијата, но одбиле. Сега имаат право на постојан престој, но не и целосни граѓански права.
Нов режим и стара напнатост
Иако новиот претседател на Сирија, Ахмед ал Шараа, по уривањето од власт на долгогодишниот диктатор Башар ал Асад, вети вклучување и заштита на сите заедници, сунитските екстремистички сили што му се лојални, продолжија со ѕверски пресметки со верските малцинства. Во март стотина луѓе се убиени во нападите врз Алавитите во Латакија. На Алавитската верска група припаѓаше и соборениот претседател Башар ал Асад. Во април во судири на провладините сили и милициите на Друзите загинаа најмалку 100 луѓе.
Камен на сопнување во обидот за нормализација на односот меѓу новата сириска влада и Друзите е прашањето на разоружувањето. Ал Шараа сака сите вооружени фракции да ги стави под единствена воена команда, но Друзите одлучно одбиваат да го предадат оружјето и да ги распуштат своите независни милиции.
Многумина Друзи, иако се противеа на авторитарното владеење на Башар ал Асад, со голема недоверба гледаат на Ахмед ал Шараа, исламистички водач со џихадистичко минато. Дополнително се загрижени поради исклученоста на нивни претставници во процесот на национален дијалог и слаба застапеност во новата влада, во која само еден министер е од групата на Друзите.
Како и да е, само неколу часа по влегувањето на војската во Сувајда, сирискиот министер за одбрана Мурхаф Абу Ќусра прогласи примирје, наведувајќи дека е постигнат договор со локалните водачи, како и дека се распоредува воена полиција „за да го регулира однесувањето на војската и да ги доведе пред одговорност прекршителите“.
Израелскиот одговор: Заштита на „браќа“ или стратегиски интерес?
Израел својата интервенција ја оправда со цврстите врски со заедницата на Друзите. Од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера беше порачано дека Израел е „посветен на спречувањето нанесување штета на Друзите во Сирија поради длабокиот братски сојуз со нашите граѓани Друзи во Израел и нивните семејни и историски врски со сириските Друзи“.

Семејство Друзи во Сирија. Фотографија fahed kiwan on pixabay.com
Во Израел, на подрачјето на Кармел и Галилеја, живеат околу 130.000 Друзи. За разлика од другите малцинства, нивните мажи уште од 1957 година служат задолжителна воена обврска во израелската војска, каде што често добиваат и високи чинови, а многумина градат кариери во полицијата и безбедносните служби.
Покрај тоа, израелската влада еднострано прогласи демилитаризирана зона на југот на Сирија, „забранувајќи влез на жива сила и оружје“. Сириската влада, со поддршка на меѓународната заедница ја отфрли таа декларација, неколкупати барајќи Израел да ги прекине воените акции што го кршат нејзиниот суверенитет.
Внимателен поради присуството на екстремистички групации на своите граници, Израел зазеде цврст став кон Ал Шараа, и покрај напорите на администрацијата на Трамп да поттикне примирје.
Ситуацијата дополнително ја комплицира и поделеноста во самата друшка заедница. Додека верскиот водач Хикмат ал Хиџри повика на меѓународна заштита од „варварската кампања“ на владините сили, други челници на Друзите во посебна изјава ја поздравија интервенцијата на Дамаск, повикувајќи на предавање на оружјето и почеток на дијалогот.
Бомбардирање и дипломатија: Невозможна мисија?
Од падот на режимот на Асад во декември лани, Израел ги засили своите воени активности во Сирија – зазеде нови територии и изврши низа воздушни напади. Официјалната цел е спречување на обнова на сириските воени капацитети и елиминација на милитантните закани. Овие напади продолжуваат иако САД, како најблизок сојузник на Израел, поттикнува нормализација на односите меѓу Израел и Сирија под новата власт.
Одржани се и директни и индиректни разговори меѓу Израел и новата сириска влада. Но постојаните израелски напади на сириска територија и засилувањето на военото присуство сериозно ги комплицираат таквите дипломатски амбиции. Самиот Ал Шараа рече дека разговорите со Израел требаше да ги сопрат нападите, но до тоа не дошло.
Нетанјаху новата власт во Дамаск ја нарекува „екстремистички исламистички режим“ и „закана“, а наводно барал од Трамп да не ги укинува санкциите за Сирија.
Континуираните напади, исто така, ги подриваат напорите на Ал Шараа да ја зацврсти власта и евентуалната мировна спогодба да ја претстави како победа за сирискиот суверенитет и народ.