На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата на седница донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор во театри, кина, филхармонија и други објекти, со што се зголемува на 50 проценти дозволената исполнетост од капацитетот на салата со публика наместо досегашните 30 отсто.
Во врска со овој протокол, како што информираше владината прес-служба, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.
На седницата е прифатено барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортови во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 години и над таа возраст.
Владата донесе и заклучок децата со посебни потреби или со пречки во развојот да бидат ослободени од обврската за задолжително носење заштитна маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.