„Во тек се интензивните подготовките на наставниците за имплементација на новите наставни програми кои стартуваат во прво и четврто одделение од идната учебна година“, објави министерката за образование, Мила Царовска.
Таа на денешната обука им посакала огромен успех на 22 наставници и 22 универзитетски професори кои се обучуваат за тренери кои потоа ќе обучат околу 3.000 наставници, преку три модули за наставата според новата Концепција.
„Продолжуваме со реформите во образованието и со јакнењето и мотивацијата на наставниците кои се клучот за квалитетно образование“, соопшти министерката.
Според неа, не треба да имаме перцепција дека дигиталниот учебник е седење и читање ПДФ формат.
„Дигиталниот учебник е аудио симулација, анимација, факти и знаења кои се потребни но прикажани на соодветен и интересен начин за ученикот. Ние во текот на нашето живеење учиме од целата околина, но сега наставникот ќе има инструкција домашната задача да биде максимум 20 минути потрошени во домашни услови, што значи разговор или одредено истражување во средината во која живее за ученикот да се врати назад со информации кои следниот час ќе треба да ги потврдат и анализираат“, одговори Царовска на прашање пред почетокот на обуката на националниот тим на обучувачи на наставници од прво и четврто одделение.