Во касарната на српската војска во Рашка, во близина на границата со Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ разговара со претставници на Србите за отстранување на барикадите од северот на Косово.
Вучиќ пред разговорите изјави дека „ќе ja прифати секоја нивна одлука“.
Вучиќ за телевизија Пинк изјави дека го разбира незадоволството на косовските Срби, но дека „не знае од кого друг да бара гаранции, откако тие ги дадоа САД, Европската унија (ЕУ) и Меѓународните мировни сили на Косово. (КФОР).
Тој рече дека очекува Србите „да дојдат со барања за него и за Србија“ и додаде дека немаат доверба ниту во Европската унија, ниту во САД, а најмалку на премиерот на Косово, Албин Курти.
Во пресрет на патувањето на Вучиќ во Рашкa, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека „најсилните досега“ гаранции за повлекување на Србите од барикадите подигнати на северот на Косово се добиени од САД и Европската Унија.
Тој изјави и дека претседателот на Србија ќе бара претставниците на Србите да се повлечат од барикадите.
Претседателот на Српската листа, водечката партија на Србите во Косово, Горан Ракиќ изјави дека Србите одбиваат да се повлечат од барикадите, иако српскиот претседател Вучиќ смета дека тоа би било добро.
Тој ова го изјави по првите разговори меѓу политичките претставници на Србите од Косово и претседателот на Србија во попладневните часови на 28 декември и го покани Вучиќ да дојде во Рашка и да го „слуша народот од барикадите“.
Ракиќ додаде дека на таа средба претставниците на Србите ќе ги изнесат своите барања.