Со донацијата од Србија на 20 илјади вакцини „Спутник“ ќе се вакцинираат вработени во Министерството за внатрешни работи, АРМ, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
Вакцинирањето ќе биде во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде има 48 позиции и се планира дневно да се вакцинираат по 5 илјади лица.
Во текот на овој месец, премиерот Зоран Заев најави дека од ЕУ треба да стигнат првите 20.000 – 25.000 вакцини од вкупно 100.000, сите 200.000 кинески вакцини, следните количини „Спутник В“, како и вакцините „Фајзер“ од кои имаме нарачано 800.000. Со набавката на 500.000 „Синовак“, ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини за 1,3 милиони граѓани.
Масовната вакцинација со „АстраЗенека“ за лица над 77 години почна во средата.