Во текот на вечерашната донаторска забава во кафето Излет огранизирана за собирање финансиски средства за казната која беше изречена кон сопственикот на овој локал дојде полиција и го казни сопственикот на кафето за пуштање прегласна музика, информираат очевидци за Либертас.

-Полицијата пристигна некаде пред 12.30 часот и му рекоа на сопственикот да ја исклучи музиката. Тој одговори дека има лиценца да пушта музика до 00.50 и дека може само да ја намали. Полицијата потоа му напиша казна и му се закани со приведување – изјави очевидец на настанот за Либертас.
-Излет за кратко време стана еден вид на упориште за граѓаните од Шарената Револуција, кое претходно беше и офарбано од страна на непознати лица.Овој пат притисоците кон локалот се далеку поголеми и посериозни. Откако сите инспекции не можеа ништо да најдат во локалот претходниве месеци, се случува следното: се работи за казна за наводен прекршок од пред повеќе од четири години, која досега неколку пати е побиена пред Управниот Суд, но сега повторно е ефектуирана. Сметката на локалот е замрзната и прекршочната казна, изречена од трудова инспекција, е во височина од неверојатни 250.000 денари. Повторно сме им потребни на нашите сограѓани и соборци. Не смееме да дозволиме да не’ поттиснат и да не’ обехрабрат. Само заедно сме посилни. Нема да му дозволиме на режимот да не’ тероризира! -гласеше најавата за вечерашната донаторска забава./Либертас