Паркинзи за велосипеди кај сите нови станбени, деловни и јавни објекти во рамки на градежна парцела треба да планираат инвеститорите, според одлуката на 8. седница на Советот на Општина Центар, која беше изгласана денеска, информираат од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека ги задолжуваат сите инвеститори кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност истите да се постават.
-Исто така, Општина Центар овозможува поставување на паркинзи за велосипеди и кај сите постојни станбени, деловни и други јавни објекти кои имаат простор за нивно поставување.Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила предвидени и содржани во објектот кој е предмет на барањето, согласно Законот за градење, како и на веќе изградените станбени и други објекти кои не се предвидени за домување на територијата на Општина Центар, информираат од општината.