Шеснаесет лица го загубија животот, а 30 се повредени во две одделни сообраќајни несреќи во Турција, соопштија денеска турските власти.
Првата несреќа се случила во Анталија, еден од најголемите туристички центри на југот од земјата, кога автобус со 34 патници, кој сообраќал од Текирдаг кон Анталија, се превртел покрај автопатот околу 10:20 часот по локално време. Патот бил лизгав поради дождот.
„Возачот, за жал, не преживеа и покрај сите напори. Загинаа девет лица“, напиша на социјалните мрежи гувернерот на Анталија Хулуси Шахин. Во несреќата се повредени 25 патници.
Втората несреќа се случила во Бурдур, на автопатот Анталија–Испарта, каде што загинале седум лица, а пет се повредени, јави турската приватна новинска агенција DHA.