Во Унгарија: Казнет бидејќи бара правда за Џорџ Флојд

од Vladimir Zorba

Фудбалската асоцијација на Унгарија го опомена фудбалерот на Ференцварош Токмац Нгуен, бидејќи по постигнат гол тој покажа маица со пораката „Правда за Џорџ Флојд“.

Нгуен е роден во бегалски камп во Кенија, неговите родители се од Јужен Судан, а тој порасна во Норвешка, за чии помлади селекции играше.

Во 2019 година, тој доби покана за настап со репрезентацијата на Јужен Судан.

Нгуен во неделата во унгарскиот шампионат постигна гол во ремито 1:1 на Ференцварош со академијата Пушкас. Тој го крена дресот по голот и покажа маица со порака: „Правда за Џорџ Флојд“.

Дисциплинската комисија на Фудбалската асоцијација на Унгарија писмено го прекори 26-годишниот фудбалер и изјави дека ќе биде „навистина казнет“ за каква било слична постапка во иднина.

Флојд почина на 25 мај во Минеаполис, по интервенцијата на бел полицаец кој го држеше коленото на вратот на Флојд скоро девет минути, вклучително и две минути и 53 секунди откако ја изгуби свеста.

Како резултат на тоа, избувнаа протести во бројни американски градови, а бројни спортски sвезди повикаа на промена и правда за Флојд.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) побара од организаторите на натпреварувањата да користат „здрав разум“ и да размислат да не казнуваат играчи кои бараат правда за Флојд.

„ФИФА целосно ги разбира чувствата и загриженоста изразена од многу фудбалери во позадина на трагичните околности на случајот Џорџ Флојд. Примената на законот за фудбал е оставена на организаторите на натпреварите, кои треба да го користат здравиот разум и да го имаат во предвид контекстот на настаните“, се вели во соопштението на ФИФА.

Спортскиот весник Немзети изјави дека Нгуен бил еден од најдобрите играчи од средниот ред во првиот дел од првенството на Унгарија, откако постигна четири гола и имаше три асистенции.

Минатата година, по неколку сезони во Стромсгодесет, Нгуен се пресели во Ференцварош, за кој беше стрелец и во европските натпревари.

Слични содржини