Советот за етика во медиумите на Македонија СЕММ во салата на Општина Велес денеска организираше дебата на тема „Медиумите, изборите и улогата на саморегулација“.

Марина Тунева претседател на СЕММ, истакна дека граѓаните можат многу да помогнат во информирањето во случаи на непрофесионално известување во медиумите. Таа појасни дека секој граѓанин кога тоа ќе го забележи треба да се обрати до СЕММ.
– Ние во СЕММ, во текот на нешето тригодишно работење континуирано добивавме жалби како што било случај и пред одржувањето на изборите, а најчесто станува збор за отсуство за извори на информации односно за еднострано информирање. Воедно сме имале случаи за пласирање на лажни вести во медиумите, случаи на дискриминација по различни основи како и дискриминација врз основа на политичка афилијација, рече Тунева.
Мирче Адамчевки претседател на Комисијата за жалби на СЕММ говореше за „Медиумска саморегулација и етичко известување“, како и за сегашната состојба и предизвици.
Неговиот колега од истата комисија Сефер Тахири, даде осврт за медиумите и изборите и каква беше нивната улога.
Филип Ѓурчиновски исто така член на оваа комисија информира за надлежностите и регистрираните тенденции на новинарско известување, а кои тие од СЕММ ги забележале во своите извештаи.
Советот за етика во медиумите СЕММ е здружение на граѓани од повеќе медиуми формирано во 2014, а функционира од 2015 година.
Како што појаснуваат од СЕММ, нивна главна цел е поголем степен на почитување на етичките стандарди во новинарството и поедноставен пристап на јавноста до медиумите, а при повреда на професионално и објективно известување во медиумите во земјава.