ДУИ и СДСМ преку таканаречениот манифест уште еднаш признаа дека изминатите месеци ништо не направија за зачувување и остварување на стратешките интереси на Македонија, обвинуваат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата во опозиција, владеачката коалиција „седнала и напишале две страни, смислиле име, го нарекле Манифест и преку соопштение без никакви консултации го испраќаат до медиумите, повикувајќи ги сите чинители да го прифатат“.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека го немаат добиено манифестот и откако ќе го добијат, доколку има нешто суштинско за разгледување, органите на партијата ќе го разгледаат и ќе се изјаснат.
Политичките партии во владината коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, предложија потпишување на заеднички манифест преку кој ќе се даде поддршка за водење преговори за полноправно членство во ЕУ и преку кој се повикува на обединување на сите политички партии, реферирајќи на поддршката за уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ која се уште настојува дека нема да гласа за истите.
На крајот од Манифестот иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки.
Потписнички на овој Манифестот се 12 партии и сите се дел од владеачкото мнозинство.