Во време на пандемија, граѓаните од Шуто Оризари се без здравствена заштита

од Берта Китинска
407 прегледи

Жителите на Шуто Оризари велат дека се без здравствена заштита, бидејќи двајца од матичните лекари кои работеле во поликлиниката си заминале, а една се пензионирала.

„Околу 4 000 пациенти останаа без матичен лекар и околу 1 200 деца. Ова е кажано до сите надлежни институтиции, до Министерствотото за здравство и до поликлиниката. Но, до денеска немаме никаков одговор за промена на состојбата.  И овие матични лекари се пред пензионирање. За кратко време може да останеме и без нив. Матичните лекари работата во оваа амбуланта ја доживуваат како казна, затоа нема заинтересирани и покрај тоа што наводно, има огласи за концесионери, но нема интерес. Во тек на пандемија не смее да се дозволи да се остават граѓаните без матичен лекар“, рече Фадил Џемаил од Иницијативата за развој и инклузија на зедниците.

Тој истакна дека нема заинтересирани на огласот за концесија за кој од Министерство за здравство велат дека редовно го објавуваат.

“Според податоците, има околу 250 лекари по општа медицина кои се невработени и еден Ром, но тие се незаинтересирани да се пријават на огласот за концесионери. Расте нетрпеливоста на пациентите, па настануваат инциденти. Матичните лекари кои работат во Шуто Оризари имаат од 2.500 до 3.000 пациенти и тие повеќе немаат простор за дополнителен број на пациенти,“ истакна Џемаил.

Салија Бекир Халим, од Иницијативата на жени од Шуто Оризари исто така истакна дека проблемот со работа на гинекологот останува, и од 8.000 до 13.000 жени кои се во репродуктивен период немаат грижа за репродуктивното здравје.

Слични содржини