Договорот за соработка помеѓу „АД Пошта на С. Македонија“ и „Халк Банка АД Скопје“ ќе се потпише во вторник, 29 декември, дознаваме од наши извори.
По прекинот на платниот промет со Еуростандард банката поради стечај, Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија“ минатиот месец ја прифати конечната понуда на „Халк банка АД Скопје“ како најповолна, согласно усвоените критериуми за евалуација на понудата.
Како што е објавено на веб страницата на „Пошта“, рокот за имплементација се два месеца до технички прием на „Пошта“, т.е имплементација на постојниот систем, кој и досега беше во употреба.
Според објавеното соопштение, Управниот одбор на Пошта на С. Македонија по добивањето на согласност од Надзорниот одбор и предлага на Владата во својство на Собрание на Друштвото да даде согласност за склучување на договор за соработка помеѓу „АД Пошта на С. Македонија“ и „Халк Банка АД Скопје“.
Платен промет во „Пошта“ ќе може да се врши најдоцна од 1 март.
Околу десет милиони евра долг кој е генериран по разни основи наследил новиот генерален директор на „Пошти“, Јани Макрадули. Тој за долговите вели дека не се директно виновни оние кои менаџирале со „Пошти“, туку владите.
Загубите се направени со мерки како простување на долговите на граѓаните, укинувањето на радиодифузната такса, одлуки кој не ги донел менаџментот. Макрадули е убеден дека компанијата може подобро да работи.
По пропаѓањето на Еуростандард банка, драстично се намали приливот. Во овој момент главната цел е финансиското стабилизирање, елиминирање на непотребни трошоци, наоѓање на нови коминтенти и клиенти, повеќе инвестиции во рамки на решенија кои можат да ја помогнат финансиската ситуација, пред се тоа е процесот на дигитализација и вложување во животната средина. Враќањето на репутацијата која порано ја имаше „Пошта“ е приоритет кој го работиме. Средствата кои ги даде Владата ќе бидат насочени за исплата на платите, рече генералниот директор Макрадули.