Во знак на револт, Алијанса за Албанците истурија црвена боја пред влезот на Министерството за правда

од Берта Китинска

Алијанса за Албанците истурија црвена боја пред влезот на Министерството за правда во знак на револт за листата на затвореници, предложена од министерот Бојан Маричиќ, кои треба да бидат помилувани.

-Лицата како Сеад Кочан и убицот на Алмир не треба да бидат ослободени од затвор. Бараме итна оставка од министерот, заменик министерот и целото раководство што ја презеде оваа иницијатива, рече Омер Ајдини од Форумот на мјлади на Алијансата за Албанците.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ денеска го повлече списокот со предлогот за помилување.Маричиќ испрати допис до претседателот Стево Пендаровски во кој посочува дека целокупниот материјал мора да биде повторно разгледан.

На социјалните мрежи се огласи и заменик-министерот Агим Нухиу, кој информираше за одлуката.

„ Ја информираме пошироката јавност дека иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда. За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!“, напиша Нухиу.

На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица. Меѓу имињата се и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово….

Слични содржини