Водата во „Димо Хаџи Димов“ е исправна, се чекаат резултатите од храната

-Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува, велат од скопски „Водовод“

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ соопшти дека на ден 26.11.2025 година извршила вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ „Димо Хаџи Димов“ општина Карпош.

Секторот за санитарна контрола земал четири примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.

-Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува, велат од скопски „Водовод“.

Изминуваат 48-те часа, колку што се потребни за да се утврди причината од што се затруени ученици од „Димо Хаџи Димов“. Се очекува Институтот за јавно здравје да ги објави резултатите од испитувањата.

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува вонредни контроли во кујните на девет училишта во Општина Карпош, бидејќи со нив стопанисува истиот оператор како и во „Димо Хаџи Димов“, каде кујната е затворена.

Засега пет ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се хоспитализирани на Детската клиника. Најмладиот хоспитализиран ученик е 6,5 години, најстариот 12.

Интензитетот на децата коишто бараат лекарска помош се зголемува бидејќи кај некои симптомите подоцна почнале, а кај некои биле во полесна форма, но како се интензивирале, побарале лекарска помош.