Водата во Тетово не е препорачлива за пиење, се вршат анализи

од Nikola Popovski
386 прегледи

Водата во Тетово има невообичаен вкус и мирис за што и доцна вечерва се правени анализи во тетовскиот Центар за јавно здравје при што првичните параметри се во ред, но се вршат и дополнителни анализи.

-Првичните анализи се добри, но годинава е најинтензивна промената на вкусот. Препорака е, но не е забрана – да не се употребува за пиење се до добивање на конечни резултати. Препорачавме комуналното претријатие да го исклучи дотокот на вода во мрежата кој доаѓа преку новиот водоснабдителен систем, кој пак зема вода од планинската река Лешница. Тоа и го направија од комуналното претријатие и мислам дека до утре изутрина ќе биде подобра состојбата со вкусот и мирисот, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Тој потсетува дека веќе петта година се случува во периодот октомври-ноември да има ваква промена кај водата.

-Досега непријатниот мирис и вкус доаѓаше од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница. Притоа доаѓа до нивно распаѓање кое ги создава непријатниот вкус и мирис. Бактериолошки и хемиско-физички водата е исправна за пиење и сега, но повторувам се прават дополнителни анализи, изјави д-р Давидовски.

Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод. Оваа појава минатите години се надминуваше и со засилено хлорирање, а според досегашните искуства непријатниот мирис и вкус исчезнуваше за неколку дена.

Извор: МИА

Слични содржини