Водечки француски имунолог: Се враќаме во нормала дури на есен

од Stefanija Kuzmanovska
333 прегледи

Франција веројатно нема да се врати во нормален живот пред есента 2021 година, бидејќи вакцинацијата може да трае подолго од првично планираното, изјави во петокот висок научен советник на француската влада.

Се проценува дека во Франција има 22 милиони жители кои спаѓаат во ризичните групи, и дека тие ќе бидат вакцинирани до мај следната година, а после тоа и другите граѓани ќе бидат вакцинирани.

„Вакцините се главниот извор на надеж, но ако ги погледнете можностите за вакцинација што ќе ги имаме во Франција и другите европски земји, ќе ни треба многу време“, изјави имунологот Жан Франсоа Делфреси за телевизијата БФМ, пренесува Ројтерс.

„Производството на вакцини ќе биде побавно отколку што беше предвидено пред 15 дена или три недели“, рече тој.

„Нема да се соочиме со недостаток на вакцини, но ќе чекаме долго додека сите не се вакцинираат“.

На прашањето дали тоа значи дека Французите ќе продолжат да се соочуваат со ограничувања и строги мерки во нивниот секојдневен живот во борбата против КОВИД-19 до есента 2021 година, тој рече: „Повеќе или помалку“.

Французите ќе започнат да примаат вакцина на „Фајзер“ и „БајоНТек“ во последната недела од декември, откако Европската унија ќе ја одобри следната недела, објави во средата премиерот Жан Кастекс.

Франција во последните 24 часа имала 18.254 нови случаи на инфекција со коронавирус и е на петтото место според вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата, со 2,42 милиони случаи.

Слични содржини