В.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, Марјан Митовски демантира дека лежел затвор.
-Жалиме што првиот синдикалец, како што сака да се нарече г-дин Дарко Димовски во обид да го покрие сопственото нетрпение кон директорот на ЈП Водовод и канализација Марјанчо Митовски, решил да безочно да лаже. Вистината е дека Митовски не лежел затвор и не постои таква пресуда, стои во демантот од „Водовод“.
Според претпријатието, „Димовски е фрустриран поради одземањето на привилегиите кои ги уживала неговата сопруга Лила Димовска која впрочем е вработена во Водовод“.
-Службено возило, службен телефон, платени отсуства од по шест месеци и уште толку неплатени отсуства и бројни други привилегии преку кои повеќе не можат да ги користи ниту да се богати семејството Димовски. Парите кои досега ги добивале како плата, отсега ќе мора навистина да ги заработат, а скопјани не се должни да ги плаќаат нивните хирови и незаслужени привилегии, стои во демантот, во кој уште извинување од првиот синдикалец.
-Извинување и повлекување на лагата која ја лиферувал Дарко Димовски од ССМ во наредните 48 часа, во спротивно, вистината ќе ја докажуваме пред надлежниот суд, порачаа од „ЈП Водовод и канализација-Скопје“.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски обелодени дека против Митовски имало судски пресуди и дека имал и лежено во затвор.
-Човечките односи меѓу директорот и работниците се нарушени, а верувам дека деновиве ќе излезат и други недоследности за директорот Марјан Митовски кој има сериозни судски пресуди, дури тој директор има лежено во затвор за напад и нанесување на телесни повреди со нож на друго лице, рече Димовски.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера најави дека доколку Сојузот на синдикати на Македонија достави барање за медијација во ЈП „Водовод и канализација“, тогаш МТСП ќе постапи согласно законот и ќе постави медијатор.