Вечерва околу 22 часот ќе започне со секнување на вентилите во главната цевководна мрежа во Скопје. Од ЈП „Водовод и канализација“ изнесоа најнова информација дека акцијата ќе почне во сабота во раните утрински часови.
-Се очекува операцијата да заврши за помалку од 15 часа, при што најмногу време е потребно за празнење и полнење на магистралниот водовод, рекоа од јавното претпријатие за утрешната санација на дефектот.
Акцијата е предвидена во сабота со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат на предвидените локации. По завршувањето на целиот процес, се очекува процес на постепено пуштање на вентилите. Согласно Оперативниот План за санација на затварачите на градска водоводна линија Ф1600мм, Сектор Водовод превзема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
„Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколку часовното немање вода. Овој сериозен зафат се превзема за да се превенираат состојби на дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти“ наведуваат од претпријатието.
Скопјани веќе почнаа да ги празнат рафтовите со шишиња со вода во супермаркетите, откако беше соопштено дека повеќе од половина од главниот град од петок вечерта ќе биде без снабдување со вода. Во голем дел од маркетите, рафтовите како што се празнат, веднаш се пополнуваат со нови шишиња. Граѓаните прават залихи, со оглед дека вода за пиење и хигиена нема да има додека целосно не се санира дефектот. Најбрзо се трошат големите туби од пет литри.