Во присуство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, министерот за одбрана, претставници на локалната власт и на партиите, како и илјадници граѓани, во Солун се одржа традиционалната воена парада по повод националниот празник, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, јави дописничката на МИА од Атина.
На воената парада учествуваа припадници на армијата, пешадиски тимови, оклопни возила и сл, а од воздух прелетуваа авионите Рафал, кои Грција ги купи од Франција, Ф-16, Ф-4, воени хеликоптери, но и легендарниот авион Спитфајр.
Особено впечатливи беа маневрите на пилотот на Ф-16 на крајот од парадата, кој воедно испрати и порака до Грците за националниот празник.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и министерот за одбрана Никос Дендиас, по завршувањето на парадата истакнаа дека Грција е фактор и столб на стабилност во поширокиот регион.
Сакеларопулу рече дека во „турбулентното меѓународно опкружување во кое живееме, Грција ќе продолжи да ги истакнува своите национални права и ќе остане столб на стабилноста и мирот во поширокиот регион“.
Дендиас порача дека „Грција ќе продолжи да ги брани своите права и да биде фактор на мир и стабилност на Балканот, Источниот Медитеран и поширокиот регион“.
Како и секоја година, така и сега, во Атина и во останатите грчки градови се одржаа паради на учениците.