Воени бродови се упатија кон Европа: За рускиот напад ќе се подготвуваат 90.000 војници

од Vladimir Zorba
624 прегледи

НАТО ги испрати своите први бродови од Северна Америка во Европа на најголемите воени вежби во последните неколку децении, пишува германската агенција dpa. Според Сојузничката команда Европа, американскиот јуришен амфибиски брод Ганстон Хол денеска го напушти пристаништето во Норфолк, Вирџинија за да го започне своето патување кон Европа.

И канадска фрегата наскоро ќе исплови од Халифакс за Европа. Околу 90.000 војници ќе учествуваат во големата воена вежба наречена Steadfast Defender, која ќе трае до крајот на мај. Командата на алијансата во белгискиот град Монс објави дека првата голема вежба ќе започне на 11 февруари.

„Алијансата ќе ја покаже својата способност да ја зајакне евроатлантската област со трансатлантски транспорт на војници од Северна Америка“, рече во средата командантот на сојузничките сили за Европа, Кристофер Каволи.

Според информациите добиени од dpa, сценариото за воената вежба ќе биде руски напад на сојузничка територија, што би потпаднало под член 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите членови.

Најголемите вежби на НАТО од крајот на Студената војна се одржаа во 2018 година, главно во Норвешка, а на нив учествуваа околу 51.000 војници. Последните маневри на Алијансата што беа поголеми од оние кои се очекуваат оваа година, беа организирани пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Слични содржини