Режисерката Шармејн Обаид-Чиној е двократен добитник на Оскар и првата жена-режисерка на легендарната франшиза „Војна на ѕвездите“.
Како што објави „Deadline“, Обаид-Чиној, во неодамнешното интервју за „Си-Ен-Ен“, го изразила своето задоволство што ја има оваа легендарна франшиза во свои раце. Таа истакнала дека е „крајно време“ жена да го преземе управувањето на проектот „Војна на ѕвездите“.
– Воодушевена сум од проектот бидејќи чувствувам дека ќе создадеме нешто посебно. Сега е 2024 година и време е да се појави жена која ќе ја обликува приказната во далечната галаксија, пренесува „Deadline“.
Уште во април 2023 година беше најавено дека таа ќе го режира новот филм. Овој пат филмот ќе се фокусира на Реј, со Дејзи Ридли во главната улога. Филмот ќе биде сместен по настаните на „Подемот на Скајвокер“, додека Реј го гради новиот ред на Џедаите.
Иако нема официјален датум за прикажување на филмот, моментално е познато дека треба да излезе во 2026 година.