„Војна на ѕвездите“: Сити, Ливерпул или некој друг?

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Фудбалската сезона во Англија започна минатата недела со натпреварите во пониските лиги и средбата помеѓу Ливерпул и Манчестер Сити во Комјунити Шилд, а својот врв го достигнува вечерва (21:00), кога со натпреварот меѓу Кристал Палас и Арсенал ќе започне новата сезона во Премиер лигата.

Актуелниот шампион Манчестер Сити е главен фаворит за титулата, Ливерпул по две години ќе се обиде да се искачи на тронот, додека за место во Лигата на шампионите ќе се борат Челси, Арсенал, Тотенхем и Манчестер Јунајтед. По 23 години во елитата се врати легендарниот клуб Нотингем Форест, двократен европски шампион, кој, сепак, заедно со новајлијата Бурнемаут и Фулам е главен кандидат за испаѓање.

Може ли Сити три пати по ред?

Прв фаворит за титулата е актуелниот шампион Манчестер Сити. „Граѓаните“ донесоа голема ѕвезда и во овој преоден рок – Ерлинг Халанд ја напушти Борусија Дортмунд во трансфер вреден 60 милиони евра и дојде во клубот за кој навистина навива уште од мал, како што изјави на презентација – дресот на Сити, токму кога се роди малиот Ерлинг, го носеше неговиот татко Алф-Инге Халанд.

Од Лидс на „Етихад“ пристигна најдобриот бек играч за врска во Премиер лигата – Калвин Филипс, како и аргентинскиот напаѓач Џулијан Алварез, чиј трансфер од Ривер Плата беше комплетиран претходно, но тој остана во Аргентина до крајот на претходната сезона.

Заминаа Фернандињо, Стерлинг, Зинченко и Габриел Жесус.

Се очекува до крајот на преодниот рок Гвардиола да донесе еден дефанзивец, а моментално прв пик е Серхио Перез од Андерлехт кој ја покрива левата страна од теренот.

Сити во првото коло во недела (17:30 ч.) гостува кај Вест Хем.

Ливерпул – единствениот предизвикувач?

Единствена екипа која ја освои титулата во претходните пет години, покрај Манчестер Сити, е Ливерпул. „Црвените“ беа шампиони во 2020 година, минатата сезона изгубија за бод, а оваа сезона ќе се обидат да бидат пред својот голем ривал.

Во меѓувреме останаа без Садио Мане кој замина во Баерн, но од Бенфика го доведоа Дарвин Нуњез за 75 милиони евра.

Нуњез е засилување, но не толку големо како Мохамед Салах, кој летово го продолжи договорот со клубот. Договорот го продолжи и Диого Жота.

Јирген Клоп го освои секој трофеј барем еднаш со Ливерпул. Единствено што го немаше, го освои минатиот викенд – „Комјунити Шилд“, со победа над Сити (3:1) во мечот кој традиционално ја најавува сезоната. Дали тој резултат против голем ривал може да значи нешто пред уште една сезона?

Германецот веќе е легенда на „Енфилд“, а тој статус дополнително би го зацементирал со нова титула.

Ливерпул утре (13.30 ч.) гостува во Фулам.

Борбата за Лигата на шампионите

Арсенал, Челси и Тотенхем ќе водат голема борба за врвот на табелата и пласман во Лигата на шампионите.

„Топџиите“ во овој преоден рок го доведоа Жесус од Сити, кој се покажа како големо засилување во подготвителниот период и кој може да се бори за најдобар стрелец во Премиер лигата. Пристигнаа и Зинченко, Маркињос (Сао Паоло) и Фабио Виеира.

И Челси започнува ера без Роман Абрамович. Новиот шеф Тод Боли тргна силно во преодниот рок, го сакаше Кристијано Роналдо, но тренерот Томас Тухел ја спушти рампата за тој трансфер. На „Стемфорд Бриџ“ пристигнаа Стерлинг, Калиду Кулибали и Карни Чуквуемека, а се очекува да пристигне и Марко Кукуреља.

Ќе биде интересно да се види како ќе изгледа Тотенхем, кој од почетокот на сезоната го води Антонио Конте. Италијанецот минатата сезона го презеде кормилото од Еспирито Санто и го одведе тимот до Лигата на шампионите, што беше голем успех.

Сега имаше цело лето да го среди тимот и да донесе играчи по негов вкус, па во Лондон пристигнаа Ричарлисон, Иван Перишиќ, Клемен Ленгле, Ив Бисума и Џед Спенс.

Тотенхем може да биде најпријатното изненадување оваа сезона.

Јунајтед – со или без Роналдо?

Големата мистерија околу Роналдо. Португалецот побара да си замине од Јунајтед, но проблемот е што никој не го сака во моментов.

Роналдо не ги мина подготовките со тимот, против Рајо Ваљекано минатата недела одигра само 45 минути и веднаш го напушти стадионот. Поради ова, новиот менаџер Ерик тен Хаг јавно го критикуваше.

Се очекува Тен Хаг да донесе ренесанса на „Олд Трафорд“. Но, прашање е колку може да направи со незадоволна ѕвезда во тимот. Затоа, не треба да изненадува што Манчестер повторно е надвор од првите четири.

„Ѓаволите“ летово се засилија со Лисандро Мартинез, Кристијан Ериксен и Тајрел Маласија.

Слични содржини