Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека „воената операција“ во Украина ќе продолжи по велигденското примирје сè додека украинскиот претседател Володимир Зеленски не собере храброст да склучи мировен договор со Русија.
„Сè додека Зеленски не собере храброст да ја преземе оваа одговорност, специјалната воена операција ќе продолжи по истекот на примирјето“, рече Песков, според РИА Новости.
Тој истакна дека Зеленски мора да донесе соодветни одлуки и дека, откако ќе се донесат овие одлуки, конфликтот во Украина ќе се движи кон мирно решавање.
„Ние сакаме одржлив мир. А одржливиот мир може да дојде кога ќе ги обезбедиме нашите интереси и ќе ги постигнеме целите што ги поставивме од самиот почеток. Ова може да се направи буквално денес. Но, Зеленски мора да ги донесе истите тие добро познати одлуки“, нагласи Песков.
Кремљ претходно објави дека по повод Велигден, Врховниот командант на руските вооружени сили, Владимир Путин, прогласи прекин на огнот од 16 часот на 11 април до крајот на денот денес, 12 април.