Војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимовски, но не очекува влијание на цените на останатите продукти.
По синоќешните напади на Израел врз Иран, тој посочи дека утрово цената на светските берзи на бренд нафтата била зголемена за десеттина долари. Зголемувањето, според Бислимовски, е шест-седум долари.
– Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија, изјави денеска Бислимовски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.
Изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.