Воздушните напади на американскиот претседател Доналд Трамп врз Иран создаваат сериозни проблеми за неговиот сојузник, италијанската премиерка Џорџија Мелона, пред клучниот референдум на 22 и 23 март, на кој, според анкетите, таа би можела да претрпи пораз.
Иако референдумот официјално е за судска реформа, тој брзо се претвори во гласање за доверба на премиерката Мелони и нејзината десничарска влада, најстабилната што Италија ја имала со години. Блискиот сојуз со Трамп сега ја загрозува нејзината политичка иднина, бидејќи американскиот претседател е исклучително непопуларен во Италија, каде што, според агенцијата YouGov, дури 77 проценти од граѓаните имаат негативно мислење за него.
Конфликтот, исто така, поттикнува широко распространети стравувања од уште еден енергетски шок, клучен фактор во држава која веќе плаќа една од највисоките цени на електричната енергија во ЕУ, пишува Политико.
Поради анимозитетот кон американскиот претседател и стравот од влијанието на војната врз домашните буџети, Мелони оди по тенок мраз, обидувајќи се да избегне критики од моќниот сојузник во Белата куќа, а воедно да ги увеи гласачите дека Рим нема да биде вовлечен во конфликтот. Како дел од политичкиот компромис, Мелони вчера вети воздушна одбрана на државите од Персискиот Залив погодени од иранска одмазда, а нејзиниот министер за одбрана објави дека Италија ќе испрати „морски средства“ за заштита на Кипар.
Истовремено, премиерката инсистира дека Италија нема да обезбеди директна поддршка за американско-израелската војна против Техеран, истакнувајќи дека американските бази во Италија се овластени само за логистичка поддршка, а не за офанзивни операции. „Ние не сме во војна и не сакаме да одиме во војна“, изјави таа вчера за радио RTL.
Овој балансирачки чин околу Иран доаѓа во најлош можен момент за Мелони. Анкетите покажуваат дека исходот од референдумот е целосно неизвесен и многу ќе зависи од излезноста. Поразот би бил голем удар за политичарката која во последните години уживаше аура на непобедливост и дома и на европската сцена.
Италијанската лидерка инвестираше многу во својот однос со Трамп, надевајќи се дека ќе се позиционира како еден вид европска „шепотечка на Трамп“ способна да го одржи влијанието во Вашингтон. Но, таа стратегија сега носи политички трошоци дома, при што маргиналната улога на Италија во стратешките одлуки на САД е разоткриена од фактот дека нејзиниот министер за одбрана, Гвидо Кросето, беше во Дубаи минатата недела кога се случија нападите, без било какви претходни најава.
Самиот Кросето подоцна во парламентарна дебата ја призна немоќта на европските сојузници. Тој потврди дека нападот врз Иран „сигурно се случил надвор од меѓународното право“, но додаде дека ниедна влада, европска или останата, не можела да ги спречи нападите.
Потенцијалното користење на американските воени бази во Италија, исто така, се заканува да стане политички експлозивна тема во држава чија јавност историски била претпазлива да не биде вовлечена во конфликти предводени од САД. Владата инсистира дека користењето на бази како што е поморската воздухопловна база Сигонела на Сицилија е ограничено на логистичка и техничка поддршка опфатена со долгогодишни билатерални договори. Користењето на италијанска почва за поддршка на напади би барало одобрение од владата, кое не е побарано, изјави вчера Мелони.
Министерот за надворешни работи Антонио Тајани во парламентот изјави дека владините активности се насочени кон заштита на италијанските граѓани во регионот, поморските патишта и спречување на скокови на цените на енергенсите. „Не се водиме само од ставовите на Трамп, безбедноста на нашите сограѓани е приоритет.“ Свесна за опасноста од зголемувањето на цените, Мелони во вторникот ги покани лидерите на енергетскиот сектор на разговори за енергетската безбедност и изјави за италијанското радио дека нејзината влада „континуирано работи“ на запирање на зголемувањето на цените на храната и енергенсите.
Чувствувајќи ја нејзината политичка ранливост, опозициските партии ја нападнаа премиерката поради нејзиното одбивање да ги осуди нападите и поради нејзината потчинетост на САД. За време на парламентарната дебата, Анџело Бонели од Сојузот на Зелените и Левицата ја обвини владата за потчинетост на Трамп.
„Премиерке, ја водите Италија во војна. Дали знаете зошто? Бидејќи воен авион, без разлика дали е товарен авион или било каков друг, по слетувањето за одржување, ќе оди да бомбардира, ќе оди во воена зона. Ќе обезбеди воена логистичка поддршка“, изјави тој. „Која е разликата помеѓу воена логистичка поддршка и директно учество во бомбардирање? Тоа значи да се биде во војна, а ние не се согласуваме со тоа. Не, ви благодарам!“
Арналдо Ломути, пратеник од популистичкото „Движење 5 ѕвезди“, иронично забележа дека Рим треба да се дистанцира од Вашингтон и Израел и ја повика владата да „воведе санкции врз САД и да достави пакет воена помош на Иран“.
Аналитичарот Лео Горети од Институтот за меѓународни односи (Istituto d’Affari Internazionali) смета дека Мелони „се држи настрана, свесна дека јавноста во голема мера е против учеството на Италија во војната, но во исто време не сака да ги наруши односите со Трамп“.