Ранети пристигнуваат во болницата во Рамала, а тројца загинаа во судири меѓу израелски доселеници и Палестинци на Западниот Брег.
Доселеници нападнале палестински жители и им ги запалиле куќите. Потоа, израелската армија отворила оган врз Палестинците кои се судриле со доселениците, тврдејќи дека биле нападнати.
Во Газа и денес се закопуваат жртвите.
„Беше околу десет часот навечер. Луѓето се подготвуваа за вечера или за спиење кога одеднаш нешто експлодираше. Не знаевме каде точно. Сè беше покриено со прашина. Дали беше блиску до училиштето? До нас? Зад нас? Не можевме да одредиме“, раскажува Палестинецот Ахмед ал-Аши.
„Целото семејство беше збришано. Не можеме да сфатиме. Тоа е како кошмар од кој нема будење. Прво беше убиен мојот сопруг, потоа нејзиниот брат, а потоа и таа со децата и сопругот. Како може некое срце да ја издржи таа болка, покрај гладот и понижувањето?“, сведочи Нисрин Насар, роднина на загинатите.
Семејствата на заложниците, исто така, се залагаат за прекин на војната во Газа. Тие повторно излегоа на протести.
„Го повикувам претседателот Доналд Трамп. Да, тебе. Ни помогна да ја елиминираме иранската нуклеарна закана. Те молам, заврши ја работата како што вети – изврши притисок врз Нетанјаху да ја запре оваа војна“, изјави Јехуда Коен, татко на заложникот Нимрод Коен.
„Мислам дека Хамас веќе покажа дека единственото нешто што може да го направи е да им наштети на нашите војници. Освен нашите заложници, ништо друго не им остана. Откако ќе ги вратиме, тоа ќе биде вистински пораз за Хамас. Само тогаш ќе можеме слободно да дејствуваме во Газа и да обезбедиме дека Хамас нема да претставува закана за Израел во иднина“, рече Уди Горен, роднина на убиениот заложник Тал Хаими.
По постигнувањето на договор меѓу Иран и Израел, арапските медијатори, со поддршка од САД, ги продолжија преговорите. Висок претставник на Хамас изјави за Би-Би-Си дека биле контактирани, но дека не им биле понудени нови предлози. Напредок во разговорите нема од мај.
„Ситуацијата во Газа мора итно да се реши, а овој конфликт мора да престане. Се надеваме дека крајот на конфликтот со Иран ќе го означи почетокот на решавање на кризата во Газа и ќе го отвори патот кон решавање на палестинското прашање“, изјави Џамал Ружди, портпарол на генералниот секретар на Арапската лига.
Во меѓувреме, американскиот претседател побара да се прекине тековното судење на израелскиот премиер за корупција и измама.
Нарекувајќи го „најголемиот воин на Израел“, Доналд Трамп изјави дека САД ќе го спасат Бенјамин Нетанјаху, исто како што тој, според него, го спасил Израел.