Германија се обиде да „ѝ угоди“ на Америка по прашањето за гасоводот „Северен тек 2“ со тоа што започна со изградба на терминал за американски течен природен гас, но бидејќи тој проект запре, време е за „одлучувачка битка“ за рускиот гасовод, пишува германскиот весник „Велт“.
„Германската влада досега го остави отворено прашањето за завршување на изградбата на гасоводот, но наскоро ќе треба да даде јасен одговор. Одлучувачката битка меѓу Соединетите држави и Германија за ‘Северен тек 2’ е се поблиску“, наведува весникот.
Берлин се надева дека ќе ги подобри трансатлантските односи за време на Џо Бајден, меѓутоа, тој е против овој проект, потсетува весникот. Американскиот Сенат сега ги разгледува новите санкции против осигурителните компании и одделенијата што се занимаваат со сертификација, кои соработуваат за завршување на изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
„Федералната влада сега ризикува директно да се соочи со заканата од санкции кои сакаше да ги спречи. Во блиска иднина, тие нема да имаат што да им понудат на САД за да се откажат од своите намери“, заклучува германскиот весник.
Во ноември, пред да започнат дискусиите за нови ограничувања во американскиот Конгрес, компанијата одговорна за изградба на американски терминал за течен гас во германското пристаниште Вилхелмсхавен се повлече од проектот.
Проектот „Северен тек“ подразбира изградба на две гранки на гасоводот, чиј вкупен капацитет ќе изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичкото Море, до Германија. Новиот гасовод треба да се гради веднаш до „Северен тек“. Бројни европски компании учествуваат во изградбата на гасоводот.
Украина активно се бори против изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, стравувајќи дека ќе ги изгуби приходите од рускиот транзит на гас, како и бројни европски земји, вклучувајќи ги Полска, Латвија и Литванија, како и САД, кои сакаат да тие го продаваат својот течен природен гас на Европската унија.
Соединетите држави веруваат дека ова е политички проект што ја загрозува енергетската безбедност на Европа. Руската страна постојано изјавуваше дека проектот е апсолутно комерцијален и конкурентен и посочи дека не подразбира прекинување на транзитот на руски гас преку Украина кон ЕУ.