Милан ќе мора да се снаоѓа во наредните недели без Кајл Вокер, кој денеска беше успешно опериран на скршеницата на лакотот, потврдија од раководството на клубот.
Ова е лоша вест за италијанскиот клуб кој е сред битка за место во Лигата на шампионите следната сезона. Милан не е на добро место, откако е деветти на табелата во Серија А со 48 бодови – девет помалку од четвртопласираната Болоња. Имаат уште седум кола за да ја завршат натпреварувачката година во најдобар можен дух, но големо прашање е колку добро ќе го сторат тоа без главното засилување во зимскиот преоден рок.
Вокер одигра само 10 натпревари за „росонерите“. За тоа време забележа само една асистенција, а му претстои пауза од неколку недели која може да трае до крајот на сезоната. Клупските челници се надеваат дека тој ќе се врати што е можно поскоро, но 34-годишникот дефинитивно нема да може да му помогне на својот тим во реваншот од полуфиналето на Купот на Италија против градскиот ривал Интер.
Англичанецот е навикнат на самиот врв на светскиот фудбал, односно да игра во најдобрите натпреварувања. Сегашната состојба сугерира дека Милан следната сезона нема да биде во елитното друштво, но освојувањето на Купот би им резервирало билет за Лига Европа.