Волфганг Шојбле веќе не исклучува излегување на Грција од еврозоната

од desk3
104 прегледи

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле веќе не исклучува излегување на Грција од еворозоната – развој, која до пред неколку недели многу политичари го сметаа за невозможен. Притоа станува збор за т.н. Graccident – непланирано инцидентно напуштање на монетарната унија. Со претпоставката на Шојбле се согласи и австрискиот колега Ханс Јерг Шелинг.

zx450y250_2490906

Пред австриската телевизија ОRF Шојбле изјави: “Бидејќи одговорноста и можноста да се одлучи што ќе се случува е на Грција и бидејќи ние не знаеме точно што прават одговорните во Грција, не можеме тоа да го исклучиме (излез од еврозоната ) “.

Германскиот министер за финансии рече дека Атина мора да ги исполни обврските, во спротивно нема да има понатамошни исплати на оваа програма. “Европа е подготвена да и помогне на Грција, но Грција треба сама да си помогне. (…) Проблемот не може да се реши ако претворивме други во жртвени јарци”, смета Шојбле.

Премиерот на Грција Алексис Ципрас пристигна денеска во Брисел на средба со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. “Не сум задоволен од развојот на настаните во последните неколку недели. Не мислам дека имаме доволно напредок”, рече Јункер. “Целосно исклучувам неуспех. Не сакам неуспех. Сакам европејците да одат заедно. Сега не е време за поделби”, додаде тој.

Според Ципрас проблемот на Грција е проблем и на Европа. “Грција веќе започна да ги исполнува обврските наведени во одлуката на Еврогрупата од 20 февруари, па ние го исполнивме својот дел и очекуваме нашите партнери да ги исполнат нивните”, рече Ципрас. “Сега е време да упатиме порака на надеж до Грците, не само” додавај, додавај, додавај “и” задолженија, обврски, обврски “.

“Волстрит џурнал” коментира дека Алексис Ципрас ризикува да ја поведе Грција кон катастрофа и има само неколку дена, за да ја извади земјата од работ на рушење. Три месеци по изборите и само шест недели откако тој стана премиер, грчката економија ја спушти главата напред надолу. Кревкото закрепнување беше суспендирано и секој момент на Грција ќе и снема пари, предупредува весникот. Сепак, никој не знае кога точно, бидејќи Атина одби да дозволи претставници на еврозоната да проверат. Некои се сомневаат дека самиот министер за финансии Јанис Варуфакис не е свесен за целата ситуација. Покрај тоа, неговата репутација настрада многу и во еврозоната речиси никој не му верува.