Волстрит го забележа најдобриот почеток на годината во последните пет години

од Vladimir Zorba
129 прегледи

По големиот раст минатата година, американската берза забележа силен почеток на 2024 година на бранот на оптимизам за растот на економијата и очекуваното намалување на каматните стапки, како и продолжувањето на инвеститорското лудило за деловни можности поврзани со вештачка интелигенција, објави брокерската куќа „Моментум“.

S&P 500 порасна за повеќе од 10 отсто во периодот јануари-март, што е негов најдобар прв квартал од 2019 година. Овој берзански показател забележа ново рекордно ниво на крајот на јануари, а во наредниот период неколку пати ќе постави нови највисоки вредности без значителен пад во 2024 година.

Индексот на технолошките акции Nasdaq од почетокот на годината е зголемен за повеќе од девет отсто, а на крајот на февруари забележа и нова рекордна вредност.

Клучен фактор за довербата на инвеститорите во тековната година е очекувањето дека економијата ќе забележи „меко приземјување“, односно дека инфлацијата ќе ослабне додека економијата ќе избегне остар пад на активноста.

Силниот раст на берзанскиот индекс се случи и покрај растот на приносите на државните обврзници, што беше сценарио кое и пркосеше на берзата минатата година. Приносите на американските 10-годишни обврзници се зголемија од 3,86 отсто на почетокот на годината на сегашните 4,21 отсто.

Во првиот квартал двигатели на растот беа најголемите технолошки компании, но за разлика од лани кај нив имаше големо „раслојување“. Во првиот квартал седумте најголеми компании учествуваа со 40 отсто од растот на индексот S&P 500 во однос на минатогодишните 60 отсто.

NVIDIA остана лидер во растот со скок од над 80 отсто, додека Meta забележа раст од 37 отсто. Tesla беше најголемиот губитник со пад од 29 отсто по слабеењето на побарувачката на пазарот на е-возила, додека Apple падна за 11 отсто по притисокот на кинескиот пазар, како и на американскиот регулатор.

Најдобар сектор во периодот јануари-март со принос од 15,6 отсто е комуникациските услуги, потоа енергетиката со 12,7 отсто и технологијата со 12,5 отсто. На дното на листата се секторите производители на несуштински добра (раст од 4,8 отсто), комунални услуги (3,6 отсто) и секторот недвижности, кој единствено забележа негативен принос (намалување од 1,4 проценти).

Слични содржини