Американските разузнавачки агенции не пронајдоа докази за вмешаност на руското раководство во смртта на Алексеј Навални, пишува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори.
Весникот наведува дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ДНИ) и разузнавачката единица на Стејт департментот дошле до заклучок дека рускиот претседател Владимир Путин „веројатно не го наредил убиството на Навални“.
Путин претходно им кажа на новинарите дека непосредно пред смртта на Навални во затворот, му било понудено да го размени „за поединци затворени во западните земји“. Според рускиот претседател, тој се согласил без целосно да слушне што зборува другата личност.
Единствениот контрауслов што Путин го поставил е Навални да не се врати во Русија, потсетува ТАСС.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да прецизира кој е понуден во замена за Навални.
Навални ненадејно почина на 16 февруари во казнена колонија во руската автономна област Јамало-Ненец.