Англискиот играч за врска Томи Дојл, кој оваа сезона игра во Вулверхемптон како позајмен од Манчестер Сити, ќе остане во „Молино“, бидејќи Волвс ја искористи опцијата за откуп.
Дојл сезонава забележа 30 настапи во сите натпреварувања, а со клубот за кој настапува од летото потпиша четиригодишен договор.
Манчестер Сити ќе инкасира 4,3 милиони фунти обештетување.
Шампионот на Англија ќе заработи 50 отсто од следниот трансфер на 22-годишниот фудбалер, а ќе има можност во иднина да го врати Дојл во своите редови по веќе договорена цена.
Англичанецот игра на позицијата централен играч за врска, а одлично ја распределува топката.
Минатата година го освои Европското првенство за играчи до 21 година.
Тој постигна еден гол оваа сезона – по спектакуларен удар од дваесет метри против Брентфорд во ФА Купот.
Избраниците на Гери О’Нил се на 11. место на табелата во Премиер лигата со 46 бодови, додека лидерот Арсенал има 80.
Следниот натпревар на Вулверхемптон е токму против Манчестер Сити на „Етихад“ – денеска од 18.30 часот.
Дојл нема право на настап, бидејќи трансферот ќе биде официјализиран на почетокот на летниот преоден рок, а позајмени играчи во Премиер лигата немаат право да играат против својот матичен клуб.