Вонредна ситуација во основно училиште во Карпош – постои сомнеж за труење со храна

„Многу деца од пониските одделенија имаат симптоми на повраќање“, соопштија од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“

од Nikola Popovski
3 прегледи Фото: ОУ Димо Хаџи-Димов

Вонредна ситуација во ОУ „Димо Хаџи-Димов“ во скопската населба Влае откако многу деца од пониските одделенија имаат симптоми на повраќање (околу 80 деца). Ова денеска го соопштија од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“. Оттаму додаваат дека симптоми имало и по некое дете од повисоките одделенија, дури и наставнички.

„Нема информација што е причината. Вирус, труење од храна или труење од вода. Во моментов таму се од Водовод и санитарно здравје и се земаат примероци…До официјален став ќе помине време. Засега се чекаат резултати. Школото ќе ги чека официјалните насоки од ИЈЗ. Засега вработените велат до родителите дека ќе има настава.

На родителите останува дали да ги пуштат децата во школо, додека ги добијат тие официјални резултати“, стои во реакцијата од „Независни за Карпош“.

Инспекциски служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, во моментов спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“.

Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е времено затворена.